MKinformer

your daily dose of news

Еве што напиша Ѓоковиќ на камерата по победата над Синер

31/01/2026 12:23

Во спектакуларно полуфинале на Австралија Опен во Мелбурн, Новак Ѓоковиќ (38) избори пласман во финалето откако по повеќе од четири часа игра го совлада бранителот на титулата Јаник Синер (24) со 3:6, 6:4, 4:6, 6:4, 6:4.

Со оваа победа, Ѓоковиќ ќе го игра финалето на својот најуспешен Гренд слем турнир по 11-ти пат во кариерата. Во борбата за титулата в недела ќе се соочи со Карлос Алкараз (22), кој во другото полуфинале по пет сета го елиминираше Александар Зверев.

Српската тениска ѕвезда досега никогаш нема пораз во финале на Австралија Опен, а во Мелбурн ќе брка рекордна 25-та Гренд слем титула. Со евентуален триумф, Ѓоковиќ дополнително би ја зголемил предноста пред своите големи ривали Рафаел Надал со 22 и Роџер Федерер со 20 Гренд слем трофеи.

По мечот, Ѓоковиќ традиционално испрати порака преку камерата, напишувајќи: „Кажавте нешто?“, јасна алузија на честите коментари за неговата возраст и споредбите со помладите ривали.

На прес-конференцијата пред полуфиналето, Ѓоковиќ реагираше и на прашање во кое беше опишан како „трет човек“ зад Федерер и Надал, а сега зад Алкараз и Синер.
„Ја пишувам својата приказна и својата историја. Ги почитувам Алкараз и Синер, но тоа не значи дека излегувам на теренот со бело знаме. Сакам да играм финалиња, особено на Гренд слем турнирите – тие се една од главните причини зошто уште играм“, порача Ѓоковиќ.

Финалето во Мелбурн ветува вистински тениски спектакл и судир на генерации, со можност Ѓоковиќ уште еднаш да ја потврди својата доминација на Австралија Опен.

error: Содржината е заштитена од копирање !!