Прва жена претседател на Црвениот крст во Македонија
01/07/2026 13:39
Историски избор: Македонскиот Црвен крст за првпат ќе го предводи жена
Лилјана Ристевска, досегашен потпретседател, избрана за нов претседател на организацијата со мандат од четири години
Преседан во хуманитарниот сектор
Собранието на Црвениот крст на Република Македонија на својата Конститутивно-изборна седница донесе одлука за избор на Лилјана Ристевска за нова претседателка на организацијата. Ова е првпат од стекнувањето на независноста на државата оваа функција да ја заземе претставничка на понежниот пол, соопштија од институцијата.
Од Црвениот крст нагласуваат дека овој избор претставува значаен момент не само за организацијата, туку и за афирмацијата на женското лидерство во хуманитарниот сектор. Тие додаваат дека станува збор за признание за долгогодишниот ангажман, стручност и дадениот придонес на Ристевска во развојот на организацијата.
Две децении волонтерска и професионална посветеност
Новоизбраната претседателка во Црвениот крст делува повеќе од дваесет години. Своето искуство го градела од самите почетоци – како волонтер, потоа како раководител на Општинската организација на Црвен крст во Битола, а во последниот период и како потпретседател на националниот Црвен крст.
Според официјалното соопштение, Ристевска на чело на организацијата доаѓа со јасна визија за модернизација, зајакнување и поголема отвореност, со цел поефикасно одговарање на актуелните хуманитарни потреби.
Што се планира во наредниот период
Во претстојниот четиригодишен мандат, главните приоритети ќе бидат насочени кон:
-
зајакнување на волонтерската мрежа и зголемување на членството;
-
поддршка на локалните организации низ државата;
-
надградба на хуманитарните услуги;
-
зајакнување на транспарентноста во работењето;
-
зацврстување на домашните и меѓународните партнерства во рамките на Движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
Симбол на промените
Изборот на жена на чело на Црвениот крст, според организацијата, претставува важен исчекор кон поголема родова рамноправност во лидерските позиции во хуманитарниот сектор. Истовремено, како што потенцираат од Црвениот крст, оваа одлука не ја менува основната мисија на организацијата, хуманост, непристрасност и солидарност во служењето на граѓаните.






