5 милиони евра штета по кражба во подстаницата Драчево
25/07/2026 18:24
Дрска кражба во Драчево: Превртени трансформатори од 30 тони, штета од 5 милиони евра
Критична железничка инфраструктура ставена надвор од функција по напад врз електровлечната подстаница, МЖ Инфраструктура апелира до институциите за истрага
Превртени трансформатори и украдени бакарни компоненти
ЈП МЖ Инфраструктура соопшти дека во електровлечната подстаница Драчево, сместена помеѓу железничките станици Лисиче и Драчево, е извршена кражба од големи размери при што е уништен значителен дел од електроенергетската опрема неопходна за функционирањето на железничката инфраструктура.
Според претпријатието, сторителите насилно превртеле два големи електроенергетски трансформатори , секој со тежина од над 30 тони. Од нив било испуштено трансформаторското масло, додека бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени.
Покрај трансформаторите, од подстаницата биле украдени бакарни жици, бакарни шини и прачки, како и речиси сите уреди и елементи неопходни за нејзиното функционирање. Поради тоа, објектот е целосно ставен надвор од функција.

Штета од 5 милиони евра
Првичните проценки покажуваат дека директната материјална штета изнесува околу 5 милиони евра.
Од ЈП МЖ Инфраструктура истакнуваат дека не станува збор само за кражба на бакар и електроенергетска опрема, туку за сериозен напад врз критичната железничка инфраструктура и врз државниот имот.
„Оштетувањето на објекти од ваков вид може да предизвика сериозни последици за безбедноста, стабилноста и редовното функционирање на железничкиот сообраќај“, наведуваат од претпријатието.

Апел до институциите
Оттаму апелираат до надлежните институции случајот итно и темелно да биде истражен, а сторителите, како и сите лица кои учествувале во кражбата, транспортот и понатамошното отуѓување на украдениот материјал да бидат идентификувани и да одговараат согласно законот.






