И новиот министер за здравство ќе ги вработува истите 300 специјализанти што ги ветуваше неговиот претходник – сега процесот бил „одглавен“
29/07/2026 13:01
И новиот министер за здравство ќе ги вработува истите 300 специјализанти што претходно беа опфатени со проектот најавен во 2024 година. Министерот Сашо Клековски денеска соопшти дека процесот конечно бил „одглавен“ и дека вработувањата треба да завршат до крајот на 2026 година.
Проектот предвидуваше вработување на вкупно 600 специјализанти во јавните здравствени установи. Сепак, досега бил реализиран само половично. Вработени биле 300 специјализанти, додека другите 300 останале надвор од проектот.
Проектот доцнел со реализацијата
Клековски изјави дека станува збор за одлука на Владата донесена во 2024 година. Според него, спроведувањето доцнело, а процесот одреден период бил во застој.
„По одреден застој, се откочи процесот за вработување на 600 специјализанти. Тоа е одлука на Владата од 2024 година. Се доцнеше со спроведувањето на одлуката. Се вработија 300 специјализанти, а 300 специјализанти останаа надвор од проектот“, рече Клековски на прес-конференција во Владата.
На вчерашната владина седница била донесена одлука постапката повторно да биде отворена. Планот е преостанатите 300 специјализанти да бидат вработени до крајот на годината.
Министерството повторно ќе објави повик
Министерството за здравство планира да го обнови повикот за изразување интерес. Причината е што дел од кандидатите во меѓувреме веќе се вработиле преку редовни постапки.
Според евиденцијата на Министерството, околу 30 од првично опфатените специјализанти веќе имаат засновано работен однос. Поради тоа, ќе се направи нова проверка на заинтересираните кандидати и потребите на болниците.
Приоритет за болниците надвор од Скопје
Клековски најави дека апсолутен приоритет ќе имаат општите и хируршките болници надвор од Скопје. Предност ќе добијат и специјализациите во областите во кои има најголем недостиг од кадар.
„Апсолутен приоритет ќе бидат општите и хируршките болници надвор од Скопје. Секако, и специјализациите во профили каде што има дефицит“, изјави министерот.
Министерството очекува мерката да придонесе за намалување на недостигот од специјалисти во јавното здравство. Сепак, станува збор за истите 300 специјализанти чие вработување беше најавено уште во 2024 година, а кои сега повторно ги најавува новиот министер за здравство.






