MKinformer

your daily dose of news

Контрола на боледувања во полицијата: Злоупотреба на секое петто боледување

23/03/2026 15:53

Во втората половина од 2025 година, вкупно 80 здравствено осигурани лица од редовите на полицијата искористиле 514 боледувања, покажуваат податоците на Фондот за здравствено осигурување. Најголем дел од отсуствата биле со времетраење до седум дена, 171 боледување траело до 15 дена, а 83 биле подолги од 30 дена.

Директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, информира дека при извршените контроли биле откриени неправилности кај 29 лица, што претставува околу 37 проценти од анализираните случаи. Овие осигуреници искористиле вкупно 236 боледувања, од кои 100 биле оценети како неуредно издадени, додека 136 биле оправдани.

Тоа значи дека речиси 19,5 проценти од вкупниот број анализирани боледувања биле спорни.

Според Клековски, иако дел од боледувањата се целосно оправдани, во пракса се забележуваат и злоупотреби. Како пример навел случаи кога вработен користи боледување од седум дена, потоа се враќа само еден ден на работа, а веднаш потоа отвора ново боледување со друга дијагноза.

Дополнително, биле евидентирани и случаи кога осигурениците го менувале матичниот лекар откако претходниот одбивал да им отвори ново боледување. Најекстремниот пример, според Клековски, опфатил лице кое сменило четири матични лекари за период од една и пол година.

Како еден од клучните проблеми се посочува непостоењето на интегриран систем за следење на боледувањата, што го отежнува навременото откривање на евентуални злоупотреби. Во моментов, Фондот може да спроведува контроли само по барање на работодавачите, како што било случај со Министерството за внатрешни работи, но и со Царината и Армијата, каде исто така биле направени проверки во помал обем.

Во тек е проект финансиран од Европската унија за надградба на постојниот систем, кој треба да овозможи подобар увид во користењето на боледувањата. Сепак, бидејќи проектот е предвиден да трае две години и е поврзан со други дигитални решенија како „Мој термин“, засега нема прецизен рок кога системот целосно ќе профункционира.

Клековски најави и средба меѓу претставници на ФЗОМ, синдикатите и работодавачите, со цел да се најдат решенија за ова прашање, кое претставува сериозен финансиски товар за буџетот. Дел од вработените за време на боледување добиваат 80, 90 или дури 100 проценти од платата.

Најчестите причини за отворање боледување биле болести на респираторниот систем, мускулно-скелетниот систем и болести на дигестивниот тракт.

Во однос на контролите во здравствените установи, биле опфатени 105 приватни здравствени организации, најмногу ординации по општа медицина. Неправилности биле утврдени кај 29 установи, како и кај неколку специјалисти и комисии во јавниот сектор. За констатираните пропусти биле изречени глоби во вкупен износ од 1,2 милиони денари.

Според информациите, висок процент на боледувања има и во јавните здравствени установи, каде на одредени клиники и до 20 проценти од персоналот е отсутен поради боледување. Сепак, ФЗОМ и таму нема надлежност да спроведува контроли без иницијатива од работодавачот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!