Миноски за Алта банка: Да се зголеми лимитот за повлекување пари од Алта банка, 10.000 денари не се доволни
02/11/2026 22:28
Лимитот во Алта банка треба да се преиспита, особено за граѓаните кои целосно зависат од примањата што ги добиваат преку оваа финансиска институција. Ова го порача поранешниот министер за финансии Кирил Миноски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, објави 4news.mk.
Миноски оцени дека неделното ограничување за располагање со средствата може да создаде сериозни проблеми за семејствата кои немаат други извори на приходи.
Миноски: Не ми е јасна методологијата
„Мене не ми е јасна методологијата по која е направена проценката. Можеби треба да се размисли за зголемување на тој лимит во располагањето со средствата“, изјави Миноски.
Според него, мерките имаат цел да спречат масовно повлекување депозити, но истовремено директно влијаат врз можноста клиентите да располагаат со сопствените пари.
Како особено проблематични ги посочи случаите во кои граѓаните имаат неодложни финансиски обврски.
„Ќе имаме ситуации во кои има лица кои треба неодложно да одат на лекување, им се неопходни финансиски средства, лица кои се под притисок на извршители и имаат друг вид проблеми. Секогаш е неблагодарно кога се ограничува располагањето со имотот на граѓаните“, рече Миноски.
Ограничувањата да траат што е можно пократко
Тој нагласи дека ваквите ограничувања се непопуларни и дека нивното времетраење треба да биде сведено на најкраток можен период.
Според Миноски, паралелно со барањето трајно решение за иднината на банката, треба да се разгледа и можноста граѓаните да располагаат со поголем износ од своите средства.
Тој посочи дека институциите мора да ја земат предвид реалната финансиска состојба на клиентите, особено во Пелагонискиот Регион, каде што банката има значителен број корисници.
Лимитот во Алта банка, според Миноски, треба повторно да се разгледа за да не бидат најпогодени граѓаните кои немаат друг извор на средства за секојдневните и неодложните трошоци.





