MKinformer

your daily dose of news

ЗНМ остро ги осуди заканите кон новинарот Александар Видиновски

03/02/2026 22:12

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро ги осуди сериозните онлајн напади, навреди, омаловажувања и смртни закани упатени кон новинарот на Канал 5 Телевизија, Александар Видиновски, по објавата на видео на социјалните мрежи поврзано со непрописно паркирани возила на тротоарот пред објектот на Амбасада на Република Бугарија во Скопје.

Од ЗНМ информираат дека пораките со навредлива, шовинистичка и омразувачка содржина, како и директните закани по живот, претставуваат сериозно кршење на слободата на изразување и директна закана по безбедноста на новинарот. Според здружението, ваквите напади имаат јасна цел, притисок и заплашување поради професионално известување за прашање од јавен интерес.

Здружението преку својот адвокатски тим му обезбедило правна помош на новинарот и поднело пријава до Министерство за внатрешни работи. Од ЗНМ очекуваат надлежните институции итно да постапат, да ги идентификуваат сторителите и да обезбедат соодветна институционална реакција согласно законските надлежности.

Во соопштението се потсетува дека Видиновски известувал за проблем од јавен интерес, непрописно паркирање на јавна површина, за што реагирале и граѓани, а за кое став изнело и МВР. ЗНМ потенцира дека новинарите не смеат да бидат мета на закани, навреди и говор на омраза поради својата професионална работа.

Здружението изразува целосна поддршка и солидарност со колегата Александар Видиновски и апелира ваквите случаи на онлајн насилство и говор на омраза кон новинарите да не остануваат неказнети. ЗНМ најавува дека ќе продолжи внимателно да го следи случајот и ќе ги користи сите расположливи механизми за заштита на медиумските работници.

error: Содржината е заштитена од копирање !!