САД гласаа со Русија и Кина против резолуцијата за Украина во МААЕ
06/03/2026 10:29
САД вчера гласаа против резолуцијата на агенцијата на Обединетите нации за нуклеарен надзор, придружувајќи им се на Русија, Кина и Нигер. Со документот се осудуваат нападите врз украинската енергетска инфраструктура, кои се оценуваат како закана за нуклеарната безбедност.
Според информациите на Ројтерс, ова е првпат САД да се спротивстават на ваква резолуција поврзана со Украина откако започна руската инвазија пред четири години.
Управниот совет на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), составен од 35 земји членки, ја усвои резолуцијата со 20 гласа „за“, 10 „против“ и четири воздржани.
Меѓу земјите што ја поддржаа резолуцијата се Франција, Велика Британија, Австралија, Канада, Јужна Африка и Аргентина. Бразил, Египет, Мароко и Саудиска Арабија се воздржаа од гласањето.
Ова е седма резолуција поврзана со Украина откако започна војната, но прва во која САД гласаа против.
Во соопштение доставено до комитетот пред гласањето, американската страна наведе дека не ја поддржува расправата за, како што ја нарече, „непотребна резолуција“.
„Иако продолжуваме да ја поддржуваме работата на МААЕ на терен, не ја поддржуваме итната расправа за резолуција која не придонесува за постигнување мир меѓу Украина и Русија“, се наведува во ставот на САД.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп претходно изврши притисок Украина побрзо да постигне мировен договор со Русија, кој би можел да вклучи и територијални отстапки. Украинските власти ја отфрлија таквата можност.
Текстот на усвоената резолуција е поумерен во однос на претходните документи. Во него се нагласува дека нападите врз енергетската инфраструктура на Украина, која обезбедува електрично напојување за нуклеарните централи – вклучително и нуклеарната централа во Запорожје – претставуваат директна закана за нуклеарната безбедност.






