MKinformer

your daily dose of news

Мицкоски ги смирува „скараните“ Филков и Сали за јазикот на кој се полага правосудниот испит

10/02/2026 16:19

Премиерот Христијан Мицкоски денеска настапи во улога на медијатор, обидувајќи се да ги смири острите тонови меѓу двајца министри во Владата, поврзани со прашањето за полагањето на правосудниот испит.

Мицкоски изрази подготвеност полагањето на правосудниот испит да се регулира за јазиците на сите народи наведени во Преамбулата на Уставот, нагласувајќи дека решението мора да се бара исклучиво во рамки на Уставот и законите.

„Уставот е јасен и прецизен. Тој вели дека официјален јазик на целата територија и во меѓународна употреба е македонскиот јазик, но исто така официјален јазик е и јазикот на заедницата која е над 20 проценти, согласно Амандманот 5. Комуникацијата во институциите може да се одвива и на тој јазик, откако тоа ќе биде утврдено со закон“, изјави Мицкоски.

Премиерот посочи дека е неопходно да се изработи посебен закон, кој потоа ќе биде доставен до Венецијанска комисија за мислење дали е во согласност со Уставот.

„Факт е дека кога беше донесен Законот за употреба на јазиците, Венецијанската комисија даде негативно мислење во делот на правосудството. Сите параметри мора да се земат предвид. Но, од моја страна постои политичка волја да се седне и да се разговара. Утре ќе ги поканам сите кои ја изнесоа оваа тема во јавноста за да дојдеме до решение“, рече Мицкоски.

Прашањето првично во јавноста го отвори вицепремиерот и министер за евроинтеграции Беким Сали, кој побара правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик. Ова предизвика остра реакција од министерот за правда Игор Филков, кој порача дека завршило времето на селективно толкување на Уставот и законите.

Филков нагласи дека, иако Законот за употреба на јазиците дозволува користење на албанскиот јазик во постапките пред институциите, правосудниот испит не може да се третира изолирано, бидејќи тој е предуслов за влез во судството, обвинителството, адвокатурата и другите правни професии.

Според министерот за правда, полагањето на испитот на македонски јазик служи за проверка на јазичната и стручната подготвеност, имајќи предвид дека судските постапки и актите во правосудството примарно се водат на македонски јазик и кирилско писмо.

Тој порача дека правосудството не смее да биде заложник на ничија политичка агенда, а секој носител на јавна функција е должен да ги почитува Уставот и законите.

error: Содржината е заштитена од копирање !!