MKinformer

your daily dose of news

Филков до Сали: Правосудниот испит не е политичка тема, нема полагање на албански јазик

10/02/2026 0:23

Министерот за правда Игор Филков со јавно и остро образложение реагираше на изјавите на вицепремиерот Беким Сали поврзани со можноста за полагање на правосудниот испит на албански јазик, потенцирајќи дека Уставот и законите не смеат да се толкуваат според дневнополитички потреби.

Филков истакна дека со заминувањето на СДСМ и ДУИ од власта завршила праксата на правен релативизам и селективна примена на нормите, додавајќи дека актуелната Влада е обврзана да воспостави јасни правила, правна сигурност и целосно почитување на уставниот поредок.

Повод за реакцијата се јавните настапи на Сали, за кои министерот нагласи дека правниот систем не функционира по принцип на лична проценка или политички впечаток, туку исклучиво врз основа на уставни норми, законски решенија и институционални процедури.

Во обраќањето се појаснува дека Министерство за правда детално ја разгледало петицијата на студентите за полагање на правосудниот испит на албански јазик, при што биле анализирани сите релевантни уставни и законски одредби. Иако Законот за употреба на јазиците дозволува употреба на албанскиот јазик како службен, неговата примена, како што се наведува, не може да се разгледува изолирано од системските закони што го уредуваат правосудството.

Министерот потенцира дека правосудниот испит е клучен предуслов за влез во судството, обвинителството, адвокатурата и нотаријатот, а законите што ги уредуваат овие области експлицитно бараат активно познавање на македонскиот јазик. Полагањето на испитот на македонски јазик, според него, служи за проверка на таа стручна и јазична подготвеност, имајќи предвид дека сите судски постапки и акти примарно се водат на македонски јазик и кирилично писмо.

Филков се повика и на член 7 од Уставот на Република Северна Македонија, како и на ставовите на Венецијанска комисија, која укажа на нејаснотии и потреба од дополнително прецизирање на Законот за употреба на јазиците, особено во делот на судските постапки.

„Уставот не е тема за телевизиски емисии, ниту алатка за политички наративи. Правосудството не смее да биде заложник на ничија агенда“, порача Филков, нагласувајќи дека оваа Влада има цел да воспостави ред и стабилен правен систем, а не да создава конфликти.

error: Содржината е заштитена од копирање !!