Клиниката за онкологија во Македонија повторно соочена со недостаток на биолошки терапии
21/01/2025 18:50
Фондот за здравство, Министерството за здравство и Клиниката за онкологија повторно ги изневерија пациентите со рак. Во моментов, Клиниката за онкологија се соочува со сериозен колапс, бидејќи нема биолошки терапии кои го продолжуваат животот на пациентите. Недостатокот на овие терапии е резултат на лошото планирање на количините и неадекватното финансирање. Пациентите со рак се чини дека секогаш се оставени на страна, а терапиите кои им се неопходни се недостапни.
Меѓу лековите кои ги нема во моментов на Клиниката се: Atezolizumab (Tecentriq), Bevacizumab (Avastin), Palbociclib, Ribociclib, Fulvestrant, Cetuximab, а постои голема веројатност дека наскоро ќе се исцрпат и останатите, како Trastuzumab emtansine (Kadcyla), Nivolumab, Cobimetinib и Vemurafenib.
Како што истакнува Ана Маријановиќ, онколошка пациентка и членка на здружението „Хема-Онко“, Клиниката за онкологија не е во можност да одговори на зголемениот број на пациенти со метастатски канцери, што е една од причините за недостатокот на лекови. Покрај тоа, продолжувањето на животот на пациентите доведува до потребата од терапиите за подолг временски период, а средствата, иако биле дополнети преку анекс минатата година, не биле доволни.






