MKinformer

your daily dose of news

ФФМ започна со имплементација на ВАР системот во македонската фудбалска лига

01/02/2025 11:09

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), преку веќе формираниот проектен тим, ја започна реализацијата на активностите поврзани со имплементацијата на ВАР системот за помош на судиите преку видео-технологија.

Системот за ВАР во македонската фудбалска лига (МФЛ) ќе започне да се користи од почетокот на следната натпреварувачка сезона 2025/26. ФФМ веќе ги информираше УЕФА и ФИФА за започнувањето на овие активности.

Дејан Јакимовски, проектен лидер за имплементација на ВАР, изјави:

„Имавме првичен онлајн состанок со ФИФА и веќе дефиниравме некои од клучните постапки за имплементација на ВАР системот во МФЛ. Според првичниот план и динамиката на активностите, планираме употреба на видео-технологијата да започне од следната натпреварувачка сезона. Натпреварувањата кои ќе бидат опфатени се: Прва МФЛ, Куп на Македонија (од 1/4 финална фаза), Куп на Македонија (финале за жени) и бараж натпревари за Прва МФЛ.

Нашата цел е да имплементираме централизиран ВАР систем со посебна просторија во ФФМ. Во зависност од понудите од ВАР провајдерите, ќе започнеме со употреба на најмногу шест камери по натпревар.

Важно е да истакнеме дека започнуваме со плановите за едукација на ВАР судиите. На почетокот на месец март, во Скопје ќе организираме дводневна работилница на која ќе учествуваат експерти од ФИФА, нашиот проектен тим, судиската и натпреварувачката комисија на ФФМ, како и други лица вклучени во проектот.

Во наредниот период ќе започнеме и со активности поврзани со инфраструктурата на стадионите, односно потврдувањето на минималните услови што секој стадион ќе мора да ги исполни за да добие лиценца за организирање натпревари. Лиценцирањето на стадионите, како и на централизираните ВАР соби и ВАР судиите, е исклучиво во надлежност на ФИФА.“

Во проектниот тим за имплементација на ВАР системот во ФФМ се вклучени и Димитар Мечкаровски, Јосип Бартон, Горан Спиркоски и Никола Караколев.

Имплементацијата на ВАР системот во МФЛ претставува значаен чекор кон подобрување на правичноста и транспарентноста во судењето и зајакнување на духот на фер-плејот во македонскиот фудбал.

error: Содржината е заштитена од копирање !!