ВО ВМРО-ДПМНЕ ПОЧНУВА ТРКАТА ЗА КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПЈЕ
02/02/2025 11:17
Во ВМРО-ДПМНЕ почнуваат подготовките за локалните избори кои треба да се одржат во ноември. Вчера во париската база се одржал состанок на Извршниот комитет на кој, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека во периодот кој следи ќе се извршат неколку интерни и внатрепартиски анкети за можните кандидати за градоначалници.
Иако во јаноста веќе се вртат неколку имиња како можни кандидати, партиското раководство има статутарно право да предложи и свои имиња за кандидати за градоначалници. Тие имиња се надвор од списокот, подготвен со предлози од општинските комитети во пресрет на локалните избори.
Од партиски извори се дознава дека за градоначалник на Скопје фаворит на Мицкоски бил актуелниот министер за локална самоуправа, Златко Перински, кој отворено изјавува дека би сакал да биде градоначалник на Скопје. Од друга страна пак, партиската база на градоначалничкото место за Скопје го гледа Орце Ѓеорѓиевски, актуелниот градоначалник на Кисела Вода. И тој во неколку наврати изјавува дека би го прифатил предизвикот за градоначалник на Скопје. Тука се споменува и името на Бобан Стефковски, сегашниот градоначалник на Гази Баба.
Вицепремиерот Изет Меџити деновиве изјави дека коалицијата Вреди и ВМРО-ДПМНЕ имаат план за заеднички настап на локалните избори – посебни советнички листи, но со поддршка на кандидатите за градоначалници, во првиот или во вториот изборен круг, во зависност од договорот што ќе го постигнат. Меџити најави дека по локалните избори на коалицијата Вреди ќе се приклучи уште една партија.




