КОНЕЧНО ПРОФУНКЦИОНИРА КОМПРЕСОРСКАТА СТАНИЦА НА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР
10/02/2025 15:06
После скоро цела година од кога се појави проблемот со непријатна миризба во хируршките сали, Клиничкиот центар доби нова компресорска станица.
Хируршките сали на Клиничкиот центар беа затворени на 22 мај лани поради миризбата што се рашири од дистрибутивната мрежа за кислород и компримиран воздух.
Министерот за здравство, Арбен Таравари изрази задоволство што освен континуирани инвестирања во реновирања и опремувања во здравството, се решавале и долгогодишни наследени проблеми како овој со станицата. Тој истакна дека за среќа, функционира и старата компресорска опрема, со што, како што нагласи, би се избегнале проблеми како минатогодишните. Во изјава за медиумите, тој ги наброја салите што ја користат оваа станица, нагласувајќи дека сите што ќе сакаат, ќе можат да се приклучат.
– Станицата веќе се користи, тестирана е и по сите стандарди, подвлече Таравари.
Компресорската станица, изградена пред околу 33 години, требалo да биде променета уште пред три години. Неработењето на оперативниот блок се сметаше за тежок удар врз Клиничкиот центар како столб на здравството.






