Откриени 31 заробени деца, тројца осомничени за трговија со деца помали од 12 години
26/02/2025 20:50
Во Брчко, БиХ, вчера беше спроведена заедничка акција на локалната полиција и обвинителството, при што беа пронајдени 31 дете. Во врска со ова, како што беше објавено, се уапсени три лица.
„Окружната полиција Брчко на БиХ, под надзор на Окружното обвинителство Брчко на БиХ, лиши од слобода три лица – З.Ѓ. и А.Ѓ. од Брчко, како и В.П. од Бања Лука, поради сомневање дека сториле кривични дела „Трговија со луѓе“ (член 207а), „Трговија со деца“ (член 207б) и „Запуштање или злоупотреба на дете“ (член 216) од Кривичниот законик на БиХ. За прибирање материјални докази, по наредба на обвинителството на округот Брчко на БиХ, беше спроведена истрага на лице место. Дополнително, по усна наредба на Основниот суд на Округот Брчко на БиХ, извршен беше претрес на просториите на станбената зграда каде се наоѓаа децата“, соопштија од Обвинителството на округот Брчко на БиХ.
Од Окружната полиција Брчко на БиХ додадоа дека истрагата за инцидентот е во тек.
Мисијата на ОБСЕ во БиХ се огласи:
„Длабоко сме вознемирени од веста за трговија со луѓе во округот Брчко, БиХ. Трговијата со луѓе е сериозно и сложено кривично дело, кое често се смета за модерна форма на ропство. Ова кривично дело вклучува сериозни прекршувања на основните човекови права, предизвикувајќи трајни физички и психички последици за жртвите, и го поткопува нивното достоинство и благосостојба долго по завршувањето на експлоатацијата“, се наведува во соопштението од ОБСЕ.
Мисијата на ОБСЕ ги повикува надлежните органи да започнат итна и темелна истрага и да ги гонат одговорните.
„Во исто време, е неопходно да се обезбеди сеопфатна заштита и поддршка за жртвите, имајќи го предвид нивниот малолетнички статус. Силен одговор од надлежните институции е предуслов за спречување на вакви криминални дејства, како и за заштита на најранливите членови на општеството и зачувување на владеењето на правото“, се наведува во соопштението на Мисијата на ОБСЕ во БиХ.






