УЕФА ги предупредува клубовите за превисоките плати на играчите и финансиските ризици
07/03/2025 20:23
Во својот најнов Извештај за лиценцирање клубови, УЕФА предупреди на зголемување од 6,5 отсто на платите во врвните клубови оваа сезона во однос на претходната, кога тие потрошиле 18 милијарди евра на плати, пренесе „Марка“.
- Иако мнозинството клубови одговорно управуваат со зголемувањата на платите на играчите, други трошоци се зголемуваат со забрзано темпо, создавајќи дополнителен притисок врз оперативните маржи како никогаш досега. Клубовите мора да бидат внимателни бидејќи има уште многу работа за да се врати профитабилноста пред коронавирусот. Интересот за европскиот фудбал никогаш не бил поголем, со рекордна посетеност низ Европа, нагласи претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.
Иако клубовите се обидуваат да се држат во рамките на финансискиот фер-плеј, платите стануваат неодржливи во неколку лиги. Белгиските и турските клубови апсорбираат меѓу 86 и 88 отсто од приходите, додека грчките клубови апсорбираат дури 98 отсто. Од друга страна, италијанските клубови го намалија тој процент од 83 на 66 отсто, а француските од 89 на 78 отсто.
Пари Сен Жермен има највисоки трошоци за плати во Европа, со износ од 658 милиони евра. Следат Манчестер Сити со 554 милиони евра, Реал Мадрид со 505 милиони, Барселона со 476, Ливерпул со 449, Баерн со 430, Манчестер Јунајтед со 429 милиони евра…
Манчестер Јунајтед, Арсенал и Реал Мадрид остварија оперативен профит од над 50 милиони евра во 2024 година, додека ПСЖ, Челси, Ајакс и Лион пријавија загуби од повеќе од 50 милиони евра.






