MKinformer

your daily dose of news

Маркова река се излеа: Поплави во Скопје и околните села

02/04/2025 9:09

Маркова река ноќеска се излеа преку мостот кај Љубош и низводно поплави неколку куќи, магацини и индустриски објекти во селата Студеничани и Батинци, како и делови кон Пинтија, информираат од Центарот за управување со кризи.

Поплавени се и делови од булеварот Борис Трајковски кај населбата Пинтија, каде што се под водата магацини. На терен се екипи од општините Студеничани и Кисела Вода, како и оперативни тимови од локалните компании.

Во Општина Аеродром, локалните служби интервенираат по пријави за поплавени куќи во Горно Лисиче. Активирани се и противпожарните служби на Град Скопје и екипи на јавните претпријатија на градот.

Автомобилскиот сообраќај е нарушен, а АМСМ информира дека локалниот пат од Горно Лисиче кон Долно Лисиче, како и првиот мост во село Батинци, се непроодни.

Јавниот превоз во Скопје е изменет. ЈСП Скопје соопшти дека автобусот со број 70 сообраќа до почетна/крајна станица Дризла, додека автобусот број 33 има изменет маршрут во населба Драчево.

Од Македонски железници информираат дека железничкиот сообраќај, како за патнички, така и за товарни возови, е во прекин во правец на Лисиче и Драчево, додека патничките возови се насочени преку станицата Трубарево.

Локалните служби продолжуваат со активностите за справување со поплавите, а граѓаните се повикуваат на внимание и придржување на упатствата од надлежните институции.

error: Содржината е заштитена од копирање !!