Нови обиди за надворешно мешање во МПЦ-ОА
01/06/2025 18:44
Иако се чинеше дека бугарското и грчкото влијание врз внатрешните прашања на државата и особено на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) се намали, деновиве повторно сме сведоци на обиди, особено од бугарска страна, за мешање во нејзиното внатрешно уредување.
Целта е да се поттикне поделба межѓу верниците на МПЦ, околу изборот на нов Митрополит и член на Синодот, и да се наруши угледот на Архиепископот г.г. Стефан и Синодот. За тоа се користат свештеници блиски до Бугарската православна црква и некои медиуми.
Провокацијата се врти околу тоа дали да се предложи еден или двајца кандидати. Пробугарските кругови бараат повеќе кандидати и јавна дебата, што би довело до поделби и тензии меѓу верниците – сценарио веќе видено во политиката.
Но Црквата не е партија.
Во православната традиција, изборот се темели на консензус, со еден претходно договорен кандидат, токму за да се зачува мирот и единството.
Практиката на МПЦ-ОА досега е јасна – секогаш се избирал само еден кандидат, без спротивставени имиња. Така беше и при проширувањата на Синодот во 2004, 2006, 2012, 2018 и 2020 година, кога без поделби беа избрани нови владици.
· Митрополит Американско-канадски г. Методиј (хиротонија: 21. 06. 2005),

· Митрополит Европски г. Пимен (хиротонија: 02. 10. 2005)

· Викарен Епископ Хераклејски г. Климент (хиротонија: 12. 07. 2005), секретар на САС на МПЦ-ОА.

· Митрополит Брегалнички г. Иларион (хиротонија: 13. 07. 2006)

Сите хиротонисани како единсвени предлози.
Во 2012 година, се случи третото засилување на Синодот на МПЦ-ОА во 21-виот век со уште двајца нови викарни епископи Јосиф и Јосиф. И тогаш, како и претходно, немаше кандидат и противкандидат. Имаше само по еден предложен.
Во 2018 година се случи четвртото засилување на МПЦ-ОА со изборот на Јаков за Епископ Стобиски, а во 2020 година и петото засилување со изборот на Партениј за Епископ Антаниски, а за Митрополит Кумановско-осоговски беше избран Григориј. Исто така како единствени предлози на г.г. Стефан и САС
Денешниот Синод го предводи Архиепископот г.г. Стефан, а го сочинуваат 10 митрополити и 2 епископи.
Викарните епископи не се членови на Синодот.
За жал, постојат поединци со пробугарски или прогрчки ставови, кои преку медиуми и симболи се обидуваат да ја доведат во прашање самостојноста на МПЦ, иако опстојуваат благодарение на македонските верници.
Црквата, како духовен и национален столб, не смее да стане алатка на туѓи интереси. МПЦ-ОА му припаѓа на народот и му служи на Бога – а не на туѓи политики.






