ПАРТИЈАТА НА ВУЧИЌ ПОБЕДИ КОМОТНО ВО ЗАЕЧАР, НО ВО КОСЈЕРИЌ СО РАЗЛИКА ОД САМО 51 ГЛАС
10/06/2025 9:06
Претседателот на Градската изборна комисија во Заечар, Ненад Динуловиќ, синоќа ги соопшти прелиминарните резултати од локалните избори што се одржаа на 8 јуни. Според неговите зборови, најголем број гласови освоила листата на Српската напредна странка „Не ја даваме Србија – Александар Вучиќ“, со освоени 47,13 проценти од вкупниот број гласови.
Динуловиќ истакна дека нема законски основ за повторување на изборите на ниту едно избирачко место, бидејќи не е поднесен ниту еден приговор.
Овие резултати се добиени врз основа на комплетно обработени податоци од сите 69 избирачки места.
На изборите, Српската напредна странка доби поддршка од 14.199 гласачи, додека второпласираната листа „Промена во која веруваме“ освои 10.312 гласови. Трето место зазеде коалицијата „Обединети за спас на Заечар“ со 2.284 гласови. Според податоците објавени од организацијата ЦРТА на социјалната мрежа X, во локалниот парламент на Заечар СНС ќе има 27 советници од вкупно 50, „Промена во која веруваме“ ќе добие 19, а „Обединети за спас на Заечар“ четири советници.
Во меѓувреме, Републичката изборна комисија на Србија ги објави и резултатите од локалните избори во Косјериќ, врз основа на целосно обработени гласови. И таму најголем број гласови освоила листата „Не ја даваме Србија – Александар Вучиќ“, со 3.686 гласа.
Според податоците објавени на веб-страницата на РИК, оваа листа доби 49,23 проценти од гласовите, што ѝ обезбедува 14 мандати во општинскиот совет. Следи листата „Обединети за Косјериќ“ со 3.635 гласови (48,54 проценти), односно 13 мандати. Третата листа, „Руска партија – Србија во БРИКС, Слободан Николиќ“, освои 48 гласови или 0,64 проценти.
Во Косјериќ, каде што право на глас имаа 8.897 граѓани, изборите се одржаа на 29 избирачки места. Според Општинската изборна комисија, излезноста била 84,17 проценти, а евидентирани се 119 неважечки ливчиња, што претставува 1,59 проценти.






