САД воведе санкции против Франческа Албанезе, независна експертка за човекови права на ОН
11/07/2025 7:44
Администрацијата на Доналд Трамп воведе санкции против Франческа Албанезе, независна експертка за човекови права на Обединетите нации задолжена за следење на состојбата на палестинските територии. Според „Гардијан“, овој потег е дел од пошироката кампања на САД да ги замолчат критичарите на израелската воена интервенција во Појасот Газа, која трае веќе 21 месец.
Стејт департментот се реши на санкции откако претходно не успеа да ја отстрани Албанезе од функцијата, и покрај сериозниот дипломатски притисок. Таа, инаку правничка за човекови права, јавно го осудува израелското дејствување во Газа како „геноцид“ – став што доби поддршка од експерти за геноцид и организации за човекови права, но категорично беше отфрлен од страна на Израел и САД.
Албанезе во објава на мрежата Икс истакна дека останува доследна на борбата за правда, а во порака до „Ал Џезира“ санкциите ги нарече „мафијашки техники на заплашување“. Таа во последно време испрати писма до влади ширум светот со повик да воведат санкции против Израел и да извршат притисок за прекин на воената кампања. Поддржува и покренатите постапки пред Меѓународниот кривичен суд против израелски функционери, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Во еден од нејзините извештаи, Албанезе именува и неколку американски корпорации како соучесници во, како што го нарекува, израелскиот режим на окупација.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека „политичката и економска војна што Албанезе ја води против САД и Израел повеќе нема да биде толерирана“, нагласувајќи ја американската поддршка за правото на самоодбрана на Израел.
Албанезе е редовна цел на критики од про-израелски кругови, а американската мисија во ОН неодамна повика на нејзино отстранување, обвинувајќи ја за „антисемитизам и пристрасност“. Обвинувањата дека Израел спроведува апартхејд или геноцид беа наречени „лажни и навредливи“.
Овој потег се смета за дел од поширока акција на администрацијата на Трамп да го потисне несогласувањето во врска со израелската офанзива во Газа. Претходно оваа година, американските власти започнаа и со апсења и депортации на студенти и академици вклучени во про-палестински протести.
Организации за човекови права, како Амнести интернешнл, остро ги осудија санкциите. Генералната секретарка на организацијата, Агнес Каламард, повика на меѓународна поддршка за независноста на специјалните известувачи на ОН и побара спротивставување на ваквиот обид за притисок.
Војната во Газа започна на 7 октомври 2023 година, кога борци на Хамас влегоа во Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи 251 заложник. Израел одговори со масовна офанзива во која, според податоците на Министерството за здравство на Газа, досега загинаа повеќе од 57.000 Палестинци, меѓу кои голем број жени и деца.
Албанезе неодамна предупреди: „Мора да го запреме овој геноцид, кој има за цел етничко чистење на Палестина и профитирање од машинеријата на насилство. Никој не е безбеден додека сите не се безбедни“.






