Денеска се празнува Светиот маченик Јакинт
16/07/2025 8:19
Јакинт бил млад дворјанин во служба на царот Трајан и во тајност исповедал христијанска вера. Еднаш, за време на голема паганска свеченост на која царот со своите придружници принесувал жртви на идолите, Јакинт одбил да учествува. Поради тоа бил обвинет и изведен пред самиот цар.
Царот се обидел да го наговори да се откаже од верата во Христа и да им принесе жртви на паганските богови, но Јакинт останал непоколеблив. Му одговорил на царот: „Јас сум христијанин. Му се поклонувам на Христа, Него Го почитувам и себе си Му се принесувам како жива жртва“.
Поради својата истрајност, бил сурово мачен – тепан, плукан и стружен, а потоа фрлен во затвор. По наредба на царот, му било дозволено да јаде само храна принесена како жртва на идолите, но Јакинт одбивал да ја допре. По осум дена пост и изнемоштеност, тој починал.
Стражарите сведочеле дека виделе двајца светли ангели: едниот го покривал телото на маченикот со светла облека, додека другиот ставал сјаен венец на неговата глава. Целиот затвор бил исполнет со светлина и мирис. Младиот Јакинт маченички пострадал во 108 година.






