MKinformer

your daily dose of news

Во средно образование ќе се воведува вештачка интелигенција

18/07/2025 18:04

Од новата учебна година, ВИ ќе се користи во наставата по различни предмети, како и во воннаставни активности. Ќе им помогне на учениците да размислуваат покреативно, а на наставниците во изработка на наставни материјали, тестови и администрација.

Министерството за образование и Бирото за развој на образованието ќе соработуваат со приватната образовна институција Бреинстер, со која денеска беше потпишан меморандум.

Министерката Весна Јаневска истакна дека генерациите денес се дигитално активни и веќе користат алатки како ChatGPT. Според неа, ВИ може да изработи распореди, сметководствени документи, наставни листови, тестови и задачи, што ќе ја унапреди наставата и ќе ги поттикне учениците на аналитичко размислување – нешто што недостига според ПИСА-тестирањата.

Таа нагласи и дека мора да се внимава на етичката употреба на ВИ, со акцент на критичка проверка на добиените информации. Се подготвуваат насоки за користење на ВИ, а од септември ќе почне и вклучување на конкретни теми во наставните програми.

Дополнително, во средното стручно училиште во Битола ќе се воведе четиригодишна насока за ВИ, со планови што се изработуваат со странски експерти.

Основачот на Бреинстер, Петар Ниновски, рече дека ова е важен чекор за младите да стекнат знаења поврзани со ВИ уште во средно. Тој ја пофали визијата на МОН и изрази уверување дека соработката ќе доведе до современ образовен систем кој ќе ги следи, па дури и ќе ги поставува светските трендови.

error: Содржината е заштитена од копирање !!