MKinformer

your daily dose of news

Притворот за обвинетите за пожарот во дискотеката „Пулс“ е продолжен, судот го потврди обвинителниот акт

18/07/2025 15:54

Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека е продолжен притворот за дел од обвинетите во случајот со трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Притворот е продолжен за четири лица: Д.Ј. и Т.Ј. од Кочани, како и Џ.К. и Б.Х. од Скопје. За останатите обвинети, вклучувајќи лица од Кочани, Скопје, Тетово и Виница, е продолжена мерката куќен притвор.

Од судот информираат дека обвинителниот акт е веќе доставен до сите обвинети и нивните адвокати. Со неговото примање почнува да тече рокот од осум дена за поднесување приговори. По истекот на рокот, судечкиот совет ќе расправа и ќе ја информира јавноста за следните чекори.

Списите од предметот, заедно со доказниот материјал – вештачења, медицинска документација и техничка опрема запленета за време на истрагата – биле доставени до судот на 2 јули 2025 година. Наредниот ден, предметот бил заведен во системот АКМИС и распределен на надлежен судски совет.

Во увидот на предметот било утврдено дека три од обвинетите правни лица немаат назначени законски претставници, по што судот поставил службени застапници. На 8 јули обвинителството доставило дополнување на обвинителниот акт, поврзано со личните податоци на обвинетите. По исполнување на сите услови, обвинителниот акт и листата на докази биле официјално доставени до сите обвинети и нивните застапници.

Судот потврди дека постапката понатаму ќе ја води Основното јавно обвинителство Скопје, врз основа на решението на Јавното обвинителство за пренос на надлежноста.

Апелираат јавноста да има разбирање и да се почитуваат законските процедури и рокови, за да се избегнат пропусти кои би можеле да ја загрозат правичноста на целата судска постапка.

Според обвинителниот акт, 34 физички и три правни лица се товарат за тешки дела против општата сигурност. Меѓу обвинетите има сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, лица од обезбедувањето и државни службеници. Поради недостиг на докази, постапката е прекината за 11 лица, меѓу кои и двајца поранешни министри.

Пожарот се случи на 16 март 2025 година, при што загинаа 62 лица, меѓу нив шест деца, а над 200 беа повредени.

error: Содржината е заштитена од копирање !!