MKinformer

your daily dose of news

Џамбазов се враќа во Охрид по 27 години: Вечерва концерт на Антички театар

19/07/2025 9:24

По цели 27 години, Игор Џамбазов повторно ќе настапи со својот „Гуру Харе бенд“ во Охрид. Вечерва (19 јули) од 21 часот, Античкиот театар ќе биде местото каде ќе се одржи првиот негов самостоен концерт во овој град.

На вчерашната прес-конференција, Џамбазов со доза на иронија се осврна на институционалната поддршка:
„Му благодарам на Министерството за култура што не ни додели средства за концертот – уште еднаш си потврдивме со менаџерот дека можеме сѐ да направиме сами“, рече тој.

Идејата за овој концерт, како што објасни Џамбазов, ја иницирал неговиот менаџер Васко Павлески од продукцијата „Фреш унион“. Тој откри дека повеќе од две децении немал покана за настап во Охрид, иако на истата сцена претходно пеел како гостин на „Нокаут“.

„Антички театар за мене е посебно место, со посебна магија. Ќе ми биде чест да настапам конечно како главен артист. Последен пат бев во Охрид пред десет години – денес повторно се потсетив на гужвите за паркинг во сред сезона. Почнувам да се чувствувам како да го изневерувам Дојран со Охрид. И двата града имаат езеро, ама цените се сосема различни“, изјави Џамбазов во свој стил.

Концертот ќе биде збогатен со настапи на неговите блиски пријатели и долгогодишни соработници – Никола Перевски-Пере од „Нокаут“ и пејачката Тамара Тодевска.

„Планираме вечер исполнета со добра музика и позитивна енергија. Сега сме засилени со две женски придружни вокалистки, така што публиката ќе добие уште подобро концертно доживување“, најави Џамбазов.

error: Содржината е заштитена од копирање !!