Најмалку 67 лица биле убиени од израелската војска додека чекале хуманитарна помош од ОН
21/07/2025 9:29
Министерството за здравство на Газа, под раководство на Хамас, соопшти дека најмалку 67 лица биле убиени од израелската војска додека чекале хуманитарна помош од Обединетите нации во северниот дел на енклавата, пренесе Би-Би-Си.
Според Светската програма за храна (WFP), нивен конвој од 25 камиони влегол во Газа преку израелскиот премин, каде бил пречекан од голема маса гладни цивили кои потоа се нашле под оган. Израелските одбранбени сили (ИДФ) тврдат дека употребиле „предупредувачки истрели“ во обид да спречат „непосредна закана“ и ги негираат пријавените бројки на жртви.
Министерството за здравство предупредува дека ситуацијата со гладот е алармантна и дека сè поголем број лица пристигнуваат во медицинските установи во критична состојба, целосно исцрпени и ослабени. „Илјадници животи се во опасност поради акутен глад“, се наведува во соопштението.
Многу од жртвите се пренесени во болницата „Шифа“ во градот Газа, чиј директор, д-р Хасан ал-Шаер, изјави дека болницата е пренатрупана. Надвор од установата, една жена изјави за Би-Би-Си Арабик: „Целото население умира. Децата умираат од глад – преживуваме само со вода и сол.“
Цивилната одбрана на Газа во неделата соопшти дека вкупно 93 лица биле убиени од израелски оган во различни делови на Газа, од кои 80 во северниот дел. Девет биле застрелани кај пункт за помош во Рафах, а уште четворица во близина на Кан Јунис.
Еден жител, Касем Абу Хатер, раскажал за АФП дека отишол по брашно, но се нашол во хаотична и смртоносна гужва. „Тенковите пукаа по нас без контрола, а снајперисти нестрпливо стрелаа како да ловат животни,“ рече тој. „Гледав како десетици луѓе умираат, а никој не можеше да помогне.“
Светската програма за храна остро го осуди нападот врз цивили кои чекаат помош, нарекувајќи го „целосно неприфатлив“. Во објава на платформата Х (поранешен Твитер), агенцијата предупреди дека недохранетоста драматично расте, а околу 90.000 жени и деца имаат итна потреба од терапија.
Според WFP, речиси секој трет човек не јаде со денови.
Од крајот на мај, постојат бројни извештаи за Палестинци убиени додека се обидувале да стигнат до храна. Само во саботата, според податоците на Министерството за здравство на Газа, најмалку 32 лица биле убиени од израелски истрели кај два пункта за дистрибуција на помош во јужна Газа.
Дел од овие инциденти се случиле во близина на пунктови управувани од Хуманитарната фондација за Газа (GHF) – организација поддржана од САД и Израел, која вработува приватни обезбедувачи и ја користи израелската воена зона за дистрибуција на храна. Други пак се случиле кај пунктови под управа на ОН.






