MKinformer

your daily dose of news

(Видео)ПРОТЕСТИ ВО УКРАИНА: На украинците им преседна од самоволието на Зеленски

23/07/2025 8:35

Борбата против длабоко вкоренетата корупција е клучен услов за Украина во процесот на пристапување кон Европската Унија и за добивање милијарди евра западна помош. Но, новиот закон кој ги засилува овластувањата на главниот обвинител, именуван од претседателот, врз клучните антикорупциски тела – НАБУ и САПО – предизвика жестоки реакции.

Иако пратениците го усвоија законот вчера, а многумина предупредуваа на опасностите, претседателот Володимир Зеленски го потпиша истиот вечерта, додека илјадници граѓани протестираа во Киев, Лавов, Дњепар и Одеса. Демонстрантите, вооружени со транспаренти и скандирања како „Вето на законот“ и „Украина не е Русија“, ја обвинија власта за задушување на правдата и враќање кон авторитаризам.

Адвокатката Марина изјави: „Ако не се стави вето, тоа е плукање врз жртвите на фронтот и газење на сето она за што се боревме. Се враќаме во мрачните денови на 2014.“ Слични ставови изразија и други учесници на протестите, предупредувајќи дека законот може да ја загрози евроинтеграцијата.

Законот му овозможува на главниот обвинител Руслан Кравченко да ги презема антикорупциските истраги, отворајќи врата за политички влијанија. Зеленски, во своето обраќање, го оправда законот со тврдење дека постојната антикорупциска структура е неефикасна и случаите вредни милијарди евра „стоија замрзнати со години“.

Контроверзата се засили и откако двајца вработени во НАБУ беа уапсени поради сомнежи за соработка со Русија. Првиот човек на НАБУ, Семен Кривонос, го нарече законот „обид за уништување“ на антикорупциската борба.

Реакции дојдоа и од Брисел. Еврокомесарката Марта Кос порача дека е „сериозно загрижена“, нагласувајќи дека владеењето на правото е централна вредност за процесот на преговори со ЕУ.

НАБУ и САПО се формирани по револуцијата на Мајдан во 2014 година, по соборувањето на прорускиот претседател. Тие досега водеа истраги против високи државни функционери, вклучително и блиски до власта. Но, по новите законски измени и неколку контроверзни обвинувања против активисти, антикорупциските борци стравуваат од политички реваншизам и опаѓање на институционалната независност.

error: Содржината е заштитена од копирање !!