MKinformer

your daily dose of news

ТРАМП ОМЕКНУВА ВО СТАВОВИТЕ КОН МАСК: Сега сака неговите компании да бидат успешни

25/07/2025 9:06

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави во четврток дека сака компаниите на Илон Маск да напредуваат, ден по изјавата на Белата куќа дека не поддржува компанијата за вештачка интелигенција xAI на Маск да добива владини договори.

Откако односите меѓу Трамп и Маск се заострија минатиот месец, реториката во јавноста се менуваше – од конфликти до обиди за смирување. Најновата изјава на Трамп укажува на обид за намалување на тензијата.

Во среда, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, на новинарско прашање изјави дека не мисли оти администрацијата би го поддржала xAI во добивање федерални договори. Таа додаде дека ќе го праша Трамп и за можноста да се прекинат постојните договори со оваа компанија.

Трамп, реагирајќи ден подоцна, напиша на платформата Truth Social:

„Сите велат дека ќе ги уништам компаниите на Елон со тоа што ќе му ги одземам субвенциите. Тоа не е точно! Сакам Елон, и сите бизниси во нашата земја, да напредуваат – и тоа како никогаш досега!“

Тој додаде дека што подобро се справуваат неговите компании, толку подобро ќе ѝ оди и на американската економија.

Во меѓувреме, компаниите на Маск се соочуваат со предизвици. Акциите на Tesla паднаа за 9% во четвртокот наутро, откако беа објавени финансиски резултати што не ги исполнија очекувањата. Дополнително, Tesla предупреди дека измените во неодамна усвоениот закон за данок, предложен од Трамп, би можеле да влијаат негативно врз идното работење.

error: Содржината е заштитена од копирање !!