Гаши ги распиша локалните избори на 19 октомври
09/08/2025 16:19
Криејки се од јавноста, веројатно за да не се види што се и какви „реликвии“ држи во својата канцеларија претседателот на собранието, преку собраниските служби, до медиумите достави соопштение и видео, без изјава, за да се види дека го потпишува решението за распишување на избори.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, го потпиша Решението за распишување на осмите локални избори, согласно Изборниот законик. Првиот круг ќе се одржи на 19 октомври 2025 година, а вториот на 2 ноември – во општините каде нема да има победник во првиот круг.
Со распишувањето на изборите почнуваат да течат роковите за изборните дејствија, според календарот на ДИК. Изборната кампања ќе започне 20 дена пред гласањето, а за тоа време Собранието ќе продолжи да работи административно, но без пленарни седници, за да се избегне злоупотреба на говорницата.
Гаши во соопштението истакна дека изборите се суштина на демократијата и шанса граѓаните да изберат одговорни и посветени лидери. Тој упати повик за висока политичка култура, избегнување притисоци, говор на поделби и злоупотреба на институциите и јавните ресурси.
Спикерот порача дека процесот треба да покаже демократска зрелост, почитување на правилата и европските стандарди, со фокус на реалните потреби на граѓаните. Тој посака фер натпревар во кој центарот ќе бидат идеите и визиите за подобра иднина.





