Српската Алта Банка од Белград ја објави намерата за целосно преземање на Стопанска банка Битола
22/08/2025 9:04
Алта Банка АД Белград официјално ја соопшти својата намера да упати јавна понуда за преземање на сите обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола, објави „Бизнис инфо“.
Според најавата, понудената цена по акција изнесува 3.777 денари. Во моментот, Алта Банка заедно со поврзаните лица поседува 19.439 акции, што претставува 4,97% од вкупниот број издадени обични акции на Стопанска банка Битола.
Во соопштението објавено на Македонската берза се нагласува дека, согласно Законот за преземање на акционерски друштва, понудата ќе биде предмет на претходни согласности од надлежните институции. Тоа ги вклучува домашните овластени органи, како и задолжителното одобрување од Народната банка на Република Северна Македонија.
Дополнително, се истакнува дека Алта Банка веќе добила зелено светло од Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Србија, додека одобрувањето од Народна банка на Србија сè уште се очекува.





