(ВИДЕО) Кинески научници создадоа светлечки растенија, иднината на природното осветлување
05/09/2025 23:34
Кинески научници од Земјоделскиот универзитет во Јужна Кина успеаја да создадат сукуленти кои светат во темница и се обновуваат со сончева светлина. Овој иновативен пробив отвора можност еден ден домовите, градините и градските улици да се осветлуваат со помош на растенија, наместо со електрична енергија.
Идејата, која до неодамна звучеше како научна фантастика инспирирана од филмот „Аватар“, стана реалност благодарение на тимот предводен од биологот Шутинг Лиу. Растенијата светат благодарение на фосфоресцентни честички, слични на оние што се користат во играчките што блескаат во темница. Тестирањата покажале дека сукулентите, поради нивната специфична структура, даваат најсилен и најрамномерен сјај.
Иако моменталниот ефект трае околу два часа, научниците веруваат дека со дополнителни подобрувања светлечките растенија можат да станат долготрајно и еколошко решение за осветлување.
„За мене е неверојатно како еден вештачки материјал може толку совршено да се спои со природата. Тоа е како магија што создава нова функционалност“, изјави Лиу.
Ова откритие, објавено во списанието Matter, претставува важен чекор кон иднина во која растенијата ќе имаат двојна улога, да ја збогатуваат животната средина и да ја осветлуваат.






