Путин: Москва е најдобро место за потенцијална средба со Зеленски
05/09/2025 11:13
Претседателот на Русија, Владимир Путин, изјави дека Москва е „најидеалното место“ за потенцијална средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Следниот пат, ако некој навистина сака да се сретне со нас, ние сме подготвени. Најдоброто место за тоа е главниот град на Руската Федерација, херојскиот град Москва“, порача Путин за време на пленарната седница на Источниот економски форум во Владивосток.
Тој истакна дека Русија е подготвена да обезбеди целосна сигурност за Зеленски и претставниците на Киев доколку дојдат во Москва, но ги оцени барањата за средба во Киев како нереални. „Во моментов е практично невозможно да се постигнат договори со Зеленски за клучни прашања“, додаде рускиот лидер.
Путин потсети дека според украинскиот Устав, сите договори поврзани со териториите мора да бидат потврдени на референдум. Тој нагласи дека безбедносните гаранции мора да важат и за Украина и за Русија, а предупреди и дека евентуално присуство на војници на НАТО во Украина би било легитимна цел за руската армија.
Рускиот претседател откри дека сè уште немал телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп по видеоконференцијата на „Коалицијата на подготвените“, бидејќи неодамна престојувал во Кина на Самитот на Шангајската организација за соработка и на воената парада по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.






