Ветувања во здравството: процес или уште една предизборна манипулација?
18/09/2025 10:31
Министерот за здравство, Азир Алиу, во интервју за Алсат-М се обиде да го оправда неисполнетото ветување за нови вработувања во здравството, вклучувајќи ги и најавените 150 работни места во Клиничката болница во Тетово. Според него, не станува збор за неисполнети ветувања, туку за „процес што е при крај“. Алиу изјави дека сите кандидати се веќе тестирани, конечната листа е подготвена, а останува само потпишувањето на договорите.
Но, јавноста со право се прашува: како може да се зборува за реализација кога луѓето сè уште не се вработени? Години наназад слушаме иста приказна, процеси што се „при крај“, документи што „се подготвуваат“ и ветувања што никако да станат реалност. Оваа практика создава чувство дека властите повеќе се занимаваат со менаџирање на очекувањата отколку со решавање на проблемите.
Министерот дополнително најави нови вработувања поради хроничниот недостиг на медицински сестри, технички кадар и лекари. Тој вети и „реорганизација“ на системот за да се постигне баланс помеѓу институции со недостиг и оние со вишок кадар. Најави и дигитализација за зголемена транспарентност и пристап на граѓаните до информации во реално време.
Иако звучи убаво на хартија, праксата покажува дека реформите во здравството обично остануваат во фазата на најави. На терен, граѓаните и понатаму се соочуваат со долги редици, недостиг од персонал и услуги што често зависат од добрата волја на мал број лекари и сестри.
Алиу уверува дека „процесот не може да се поништи“ и дека вработувањата ќе се реализираат по секоја цена. Но, со оглед на тоа што изборите се на хоризонтот, не е чудо што јавноста гледа на ваквите изјави како на политичко смирување и предизборна тактика, а не како на вистинско решение.





