Романија ќе ги сподели искуствата со Македонија од реформите во управувањето со кризи
24/09/2025 19:45
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, оствари билатерална средба со Раед Арафат, државен секретар во Министерството за внатрешни работи на Романија и раководител на Одделот за вонредни состојби. Средбата се одржа во рамките на работната посета на Романија и беше фокусирана на размена на искуства и соработка во областа на управувањето со кризи.
Ангелов го информираше Арафат за тековните активности и напредокот на системот за управување со кризи во Северна Македонија, со посебен акцент на справувањето со пожари и други итни ситуации. Во одговор, Арафат изрази подготвеност на Романија да ги сподели своите искуства и добри практики од реформите во нивниот систем за управување со итни состојби.
Како резултат на средбата, договорено е да се изготви нацрт за Меморандум за соработка, кој ќе го унапреди натамошното партнерство меѓу двете земји во областа на цивилната заштита. Романија останува доверлив партнер, подготвен да ги стави своите капацитети на располагање за поддршка на Македонија во унапредувањето на системот за управување со кризи.






