MKinformer

your daily dose of news

Тошковски во Унгарија: Зајакнување на безбедносната соработка и поддршка за „Безбеден град“

16/01/2026 14:44

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на покана на неговиот унгарски колега Шандор Пинтер, во периодот од 14 до 16 јануари реализираше билатерална посета на Министерство за внатрешни работи на Унгарија, со цел продлабочување на безбедносната соработка и размена на искуства и добри практики.

Во рамки на посетата, Тошковски оствари билатерална средба со министерот Пинтер, на која беа разгледани прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на управувањето со миграциските текови, борбата против организираниот криминал и современите безбедносни закани. Пинтер го истакна значајниот придонес на Република Македонија во спречувањето на илегалната миграција, оценувајќи дека македонската полиција има клучна улога за безбедноста на Европа.

Посебно внимание било посветено и на искуствата на Унгарија во воспоставувањето системи за автоматско детектирање на сообраќајни прекршоци, во контекст на имплементацијата на системот „Безбеден град“ во Македонија. Министерот Тошковски нагласи дека биле разменети мислења за институционалната подготвеност, правната рамка и ефектите од примената на ваквите системи, со цел користење на најдобрите европски практики.

Во делот на борбата против трговијата со дрога, унгарската страна ги презентирала своите законски и институционални решенија за построго кривично санкционирање, при што биле споделени искуства за влијанието на ваквиот пристап врз сузбивањето на организираните нарко-мрежи.

За време на посетата беше потпишана и Декларација за соработка за спроведување обуки за полициски службеници меѓу Центарот за обука на Министерство за внатрешни работи и Центарот за полициска едукација и обука на МВР на Унгарија, со што се отвора можност за долгорочна и практична размена на знаења. Воедно, унгарскиот центар беше поканет да се приклучи кон Регионалната асоцијација на центри за обука и полициски академии на Југоисточна Европа.

Тошковски оствари и работна средба со директорот на Националното биро за истраги на Унгарија, Арон Јенеј, како и со директорот на Националниот директорат за менаџмент на катастрофи, Золтан Гора, при што фокусот беше ставен на сузбивањето на организираниот криминал, управувањето со кризи и меѓуинституционалната координација.

„Унгарија е докажан пријател и партнер на Македонија. Оваа посета е уште еден чекор кон зајакнување на соработката и градење партнерства кои придонесуваат за поголема безбедност, стабилност и европска перспектива“, истакна министерот Тошковски.

error: Содржината е заштитена од копирање !!