МВР го разби наркосветот: Уапсени 100 дилери и големи заплени на дрога
02/10/2025 15:52
Во текот на септември, Министерството за внатрешни работи (МВР) спроведе серија оперативни активности со цел сузбивање на недозволената трговија со дрога. Во рамки на овие акции, лишени се од слобода над 100 лица, вклучувајќи и неколку малолетници, кои се осомничени за поседување и трговија со наркотични средства.
При извршени лични прегледи и прегледи на возила, кај осомничените биле откриени и запленети поголеми количини на различни наркотични средства, вклучувајќи марихуана, бела грутчеста материја, бела прашкаста материја, кафена прашкаста материја, МДМА таблети, амфетамин, хероин и дробилки.
Во текот на месецот, извршени се и претреси во околу десет различни случаи, при што беа поднесени кривични пријави против повеќе од 15 лица за сторени кривични дела по член 215 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
На Граничниот премин „Табановце“, при влез во земјата, во неколку одвоени случаи, кај државјани на Србија, Унгарија, Австрија и Белгија, биле откриени кокаин, амфетамин и марихуана.
Дополнително, на регионалниот пат Битола – Прилеп, полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Битола и САЕ Тигар од Бирото за јавна безбедност при МВР, спречиле транспорт на околу 35 килограми марихуана.
Овие активности се дел од засилените напори на МВР во борбата против недозволената трговија со дрога и заштитата на јавната безбедност.






