MKinformer

your daily dose of news

Осумнаесет години без Тоше Проески, човекот кој ја обедини Македонија со својата песна и добрина

16/10/2025 11:52

На денешен ден, 16 октомври, се навршуваат 18 години од трагичната смрт на македонскиот пејач и хуманист Тоше Проески, кој на само 26 години го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска. Судирот се случи во раните утрински часови, кога автомобилот во кој се наоѓаше пејачот се судрил со камион. Со него патуваа неговата менаџерка Лилјана Петровиќ и возачот Ѓорѓе Ѓорѓевски.

Веста за неговата смрт го потресе целиот Балкан. Македонија тогаш потона во длабока тага, Собранието ја прекина седницата за да му оддаде почит со едноминутно молчење, а 17 октомври беше прогласен за Ден на жалост.

Тоше беше обожаван низ целиот регион, а неговата музика и хуманост оставија неизбришлива трага. BBC NEWS го нарече „Балкански Елвис Присли“, нагласувајќи дека неговиот глас и лик биле симбол на искреност, љубов и човечност.

Во чест на неговото дело, денеска од 12 до 15 часот на детската улица „Тоше Проески“ во Ново Лисиче ќе се одржи настан под слоганот „Тоше те сакаме“. Настанот има за цел да потсети дека Тоше и понатаму живее во срцата на сите генерации.

Публиката ќе ужива во настапите на најмладите, децата од градинките и училишните хорови, како и на македонските музички ѕвезди: Огнен Здравковски, Мартинијан Кириловски, Наде Талевска, Марија Спасовска, Драган Темелков, Лили Акустик, Ивона Јо, Тамара Волческа, Владимир Поповски и Васил Ангелов. Тие ќе ги изведат неговите најголеми хитови, а посетителите ќе можат да уживаат и во изложби на детски дела, пишување хумани пораки и создавање на голема уметничка слика.

Со песна, љубов и сеќавање, Македонија повторно ќе му оддаде чест на човекот кој со својот ангелски глас ја спои државата и регионот.

Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година во Крушево. Својот талент го покажа уште како дете на фестивалот „Златно славејче“ во 1992 година. Кариерата ја започна со победата на „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година, а во 2004 ја претставуваше Македонија на Евровизија во Истанбул. Истата година стана амбасадор на УНИЦЕФ.

Зад себе остави седум студиски албуми, меѓу кои последниот, „Игри без граници“, беше промовиран само две недели пред трагедијата. Посмртно беа објавени и неколку албуми на англиски и српски јазик – доказ дека неговата музика и дух сè уште живеат.

error: Содржината е заштитена од копирање !!