MKinformer

your daily dose of news

Денес се празнува Света Петка-заштитничка на жените, болните, сиромашните

27/10/2025 10:28

Света Петка, позната и како Преподобна Параскева, е една од најпочитуваните светици меѓу православните христијани, но и меѓу припадниците на други вери. Нејзиното име и лик се симбол на милосрдие, скромност и вера, а народот ѝ се обраќа за заштита, исцеление и духовен мир.


Дар за исцелување и пророштво

Според преданијата, Света Петка имала дар на исцелување и пророштво, па нејзината слава се проширила меѓу народот уште за време на нејзиниот живот. Таа е заштитничка на жените, болните и сиромашните, а нејзините верници и денес веруваат дека преку молитва можат да добијат помош, исцелување и духовна сила.


Народни верувања и обичаи

На денот на Света Петка (27 октомври), верниците не треба да работат домашни работи — не се месе, не се готви, не се шие, не се пере — за да не се навлече гневот на светицата. Овој ден се посветува на молитва, мир и почит кон светицата.

  • Жените со здравствени проблеми се мијат со осветена вода или со вода од извор посветен на Света Петка.

  • Девојките чуваат трошки од славскиот колач за да ја видат својата судбина или идниот сопруг.

  • Во некои села дел од колачот се дава на добитокот за здравје.

  • Се бере цвеќе и се украсува домот за хармонија и благосостојба во годината што следи.


Живот и посветеност

Света Петка е родена во 10 век во градот Епиват, близу Цариград. Потекнувала од богато, но побожно семејство. По смртта на родителите, го продала своето наследство и го поделила на сиромашните, а потоа се замонашила.

Живеела аскетски живот во јорданската пустина, во пост и молитва. По четири децении, ѝ се јавил ангел и ѝ рекол да се врати во татковината и да ја шири Христовата вера.


Патот на нејзините мошти

Моштите на Света Петка биле пренесувани многупати низ вековите:

  • од Епиват во Цариград,

  • потоа во Трново (1238 г.),

  • во Влашка (1396 г.),

  • потоа во Србија (1398 г.),

  • во Белград (1417 г.),

  • и конечно во Јаши (Романија), каде што се наоѓаат и денес.

Многу храмови и извори се посветени на неа, а се верува дека водата од тие извори има лековити својства.

error: Содржината е заштитена од копирање !!