Паднато дрво го блокира влезот на ОУ „Киро Глигоров“ во Капиштец
27/10/2025 10:51
Утрово во скопската населба Капиштец, паднато дрво целосно го блокирало главниот влез на Основното училиште „Киро Глигоров“, на потегот од улицата Васил Ѓоргов кон Заводот за рехабилитација.
Инцидентот предизвикал сообраќаен и пешачки метеж во утринските часови, кога учениците пристигнувале на настава. Поради безбедносни причини, учениците биле пренасочени да влегуваат од задниот влез на училиштето, додека наставниците и родителите им помагале во организацијата.
Екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ и Град Скопје се очекува во текот на денот да интервенираат за отстранување на дрвото и расчистување на просторот.
Причината за падот засега не е официјално потврдена, но според првични информации, можно е дрвото да било оштетено од силниот ветер што дувал во текот на ноќта.






