ВМРО-ДПМНЕ: Венко Филипче е синоним за пропаста на СДС – потребни се оставка и внатрешни реформи
07/11/2025 10:40
ВМРО-ДПМНЕ преку реакција оцени дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, е „синоним за пропаста на партијата“ по, како што наведуваат, најтешкиот изборен пораз во историјата на СДСМ, по кој партијата „ја изгубила доминантната опозициска позиција и станала петта сила во Скопје, а трета на државно ниво“.
„Одговорноста за дебаклот на СДС има име и презиме – Венко Филипче, кој под менторство на Зоран Заев ја доведе партијата до раб на политичко исчезнување,“ стои во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче наместо да го релативизира поразот, треба да си поднесе оставка, бидејќи под негово водство СДС станал синоним за расипништво и луксуз, при што „тандемот Филипче-Заев се луксузира на скапи одмори, јахти и поседува милионски имоти“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, со освоени само 126 илјади гласа и шест општини, СДС доживеал „политички потоп“, а граѓаните го казниле поради „ароганцијата, лажниот морал и отуѓеноста од народот“.
Партијата оценува дека СДС останал под диктат на Заев, дека Филипче не се дистанцирал од неговите политики и дека наместо вистински реформи, се прават „козметички потези и се штити раководството“.
„Итна оставка на Филипче и длабоки внатрешни реформи се единствениот начин СДС да преживее на политичката сцена,“ стои во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека за здрав демократски систем е потребно СДС „да се ослободи од менторството на Заев и штетните политики на Филипче“ за конечно да стане конструктивна и одговорна опозиција.
„Додека СДС тоне во хаос и лични пресметки, ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на народот, на реформите и на иднината на Македонија,“ завршува соопштението.






