Трамп и Орбан на средба во Белата куќа – разговори за руската нафта и економската соработка
07/11/2025 10:50
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска ќе се сретне со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Белата куќа, каде ќе разговараат за зависноста на Унгарија од руската нафта и можностите за зајакнување на економската соработка меѓу двете земји.
Ова ќе биде прва билатерална средба меѓу Трамп и Орбан откако Трамп се врати во Белата куќа во јануари годинава.
Американскиот претседател инсистира европските земји да ја прекинат зависноста од руската нафта, со цел да се намалат приходите на Москва, кои ја финансираат војната во Украина. Унгарија, пак, од почетокот на конфликтот во 2022 година не се откажа од руската енергија, што предизвикува остри критики во рамките на ЕУ и НАТО.
Според најавите, премиерот Орбан ќе разговара со Трамп за можноста за нов состанок меѓу САД и Русија, како и за олеснување на американските енергетски санкции кон Унгарија.
Трамп претходно најави можност за средба со рускиот претседател Владимир Путин во Будимпешта, но таа беше одложена откако Русија го отфрли примирјето.
„Го познавам претседателот, тој ме познава мене – ние го знаеме проблемот, едноставно мора да постигнеме договор,“ изјави Орбан, додавајќи дека очекува пријателски и конструктивни разговори.
Од Белата куќа соопштија дека лидерите ќе дискутираат за прашања од заемен интерес, а се навестува и можност за нови економски и меѓусекторски договори.
„Американскиот народ може да очекува повеќе добри економски договори од посетата на премиерот Орбан,“ изјави претставник на Белата куќа.





