Орбан предупредува: Брисел ја турка Европа кон војна, додека Унгарија се залага за мир
24/12/2025 23:22
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, во божиќно интервју за унгарскиот весник Маџар Немзет предупреди дека не може да се исклучи можноста 2025 година да биде последната мирна година за Европа.
Орбан оцени дека европските општества се навикнале на долготраен мир, кој, како што потсети, трае од крајот на Втората светска војна во 1945 година. Според него, ваков период без голем континентален конфликт е исклучок во европската историја, а не правило.
Осврнувајќи се на последниот самит на Европска унија во Брисел, унгарскиот премиер истакна дека Европа, според неговата проценка, се движи во насока на директна конфронтација.
„Успеавме само да го забавиме темпото со кое Европа се движи кон војна. Некои сили сакаа тоа да се одвива со максимална брзина, а ние го спречивме забрзувањето, но не и самиот процес“, изјави Орбан.
Тој оцени дека денешна Европа е повторно поделена, слично на периоди од минатото.
„Постојат два табора – воен и мировен. Во моментов доминира воениот табор. Брисел ја турка Европа кон војна, додека Унгарија се залага за мир“, порача унгарскиот премиер.
Орбан повтори дека, според него, европското вклучување во војната во Украина не било неизбежно. Тој смета дека во почетокот на конфликтот, во февруари 2022 година, ЕУ можела да испрати мировна мисија во Москва и Киев, наместо да го прифати конфликтот како сопствен геополитички ангажман.
Во интервјуто, Орбан упати и остра критика кон функционирањето и начинот на одлучување во Европската унија, оценувајќи дека Унијата се наоѓа во фаза на внатрешно распаѓање.
Како примери за, како што рече, погрешни политики, ги наведе зелената транзиција и миграциската политика, за кои тврди дека биле наметнати спротивно на волјата на земјите-членки и дека сериозно ја оштетиле европската индустрија, особено автомобилскиот и хемискиот сектор.
Орбан повторно ја изрази својата позиција против членството на Украина во Европската унија, тврдејќи дека таквиот чекор дополнително би ги исцрпел ресурсите и енергијата на Европа и би ја ослабнал нејзината безбедност.
Тој предупреди дека без длабоки и суштински реформи, Европската унија може да достигне точка на распаѓање од која нема враќање. Според Орбан, санкциите кон Русија и продолжената војна негативно се одразуваат и врз унгарската економија.
На крајот од интервјуто, унгарскиот премиер упати симболична порака до своите сограѓани, повикувајќи на самосвест, самопочит и зачувување на националниот идентитет во време на глобални и европски превирања.





