MKinformer

your daily dose of news

Општина Врапчиште под клуч, поранешниот градоначалник Шабани одби да го предаде мандатот

10/11/2025 17:45

Вратите на Општина Врапчиште денеска останаа заклучени, а вработените кои пристигнале на своите работни места утрово не можеле да влезат во зградата. Според нивните изјави, причината е тоа што поранешниот градоначалник Исен Шабани ги затворил вратите откако вчера, на 9 ноември, му завршил мандатот.

Шабани за медиумите потврди дека тој лично ја заклучил општината, наведувајќи дека неговиот мандат е завршен и дека од денес е „слободен граѓанин“.
„Одговорноста сега е на Владата и на довереникот кој треба да ја преземе функцијата. Јас нема да ги отворам вратите, мојот мандат заврши“, изјави Шабани.

На прашањето дали ќе ги предаде клучевите на назначениот довереник, тој реагираше остро:
„Нека оди кај премиерот – тој ќе му го даде клучот. Јас не предавам мандат. Да имав изгубено избори, ќе го направев тоа по сите норми, но сега се работи за политички игри и турбуленции што ги креираат ВЛЕН и ВМРО“.

Во Општина Врапчиште првиот круг од локалните избори пропадна поради недоволен цензус, а повторување на изборите се очекува за 60 дена. До тогаш, со општината треба привремено да управува довереник назначен од Владата, чиј ангажман се очекува во текот на следната недела.

error: Содржината е заштитена од копирање !!