MKinformer

your daily dose of news

Граѓаните прашуваат: Кој гарантира слободен пристап до Куклице?

09/06/2026 12:54

МК Информер побара одговори од МВР за Куклицe, доби половичен одговор без гаранција за слободен пристап

Откако жител на Кратово алармираше за незаконска наплата и спречување на влез во локалитетот, МК Информер се обрати до МВР.
Министерството потврди обвинение и казнен налог, но не одговори на клучното прашање, дали ќе обезбеди слободен и непречен пристап до природниот феномен.

Објава на Марио Станојковски го покрена прашањето

Сè започна со објава на социјалните мрежи од страна на Марио Станојковски, жител на Кратово. Тој алармираше за, како што тврди, незаконска наплата на влез и ограничување на пристапот до локалитетот „Куклице“ (Камени Кукли), еден од најпознатите природни феномени во Македонија.

Во објавата, Станојковски наведува дека повторно бил спречен да влезе на локалитетот, а притоа разговарал со туристи од Косово кои му кажале дека платиле по 10 евра за влез.

МК Информер побара одговори од МВР

По ваквата информација, редакцијата на МК Информер се обрати до Министерството за внатрешни работи со конкретни прашања:

  • Каква е состојбата со пријавите за овој случај?

  • Дали МВР ќе обезбеди слободен и непречен пристап до локалитетот за граѓаните и туристите?

  • Дали новинарска екипа може да добие придружба на терен?

Од МВР веднаш ни одговорија, но само делумно.

Што кажа МВР? Обвинение и казнен налог

Министерството потврди дека во 2024 година настанот бил пријавен во ОВР Кратово, а потоа проследен до Основното јавно обвинителство Куманово.

Од ОЈО Куманово е покренат обвинителен акт против:

  • С.Д.

  • М.Д.

  • Здружението „Извор“

за кривично дело „узурпација на недвижности“ (член 225 став 1 од Кривичниот законик).

Против лицето С.Д. изречен е и казнен налог поради закани со пуштање куче врз туристи кои го посетиле локалитетот.

Во 2026 година против С.Д. и нејзиниот сопруг Е.М.Б. поднесена е кривична пријава за „спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“ (член 382 став 3).

МВР наведе и дека за настаните од 07.06.2026 година се известени повеќе институции: ДПИ, УЈП, Трудов инспекторат, инспектор при Министерство за култура и Општина Кратово.

Што НЕ кажа МВР? Клучното прашање остана без одговор

Она што го нема во одговорот на МВР е одлуката или мерката за обезбедување слободен пристап.

Редакцијата на МК Информер постави директно прашање: Дали МВР ќе обезбеди услови граѓаните и туристите слободно и непречено да влегуваат на локалитетот? Одговор на ова прашање – НЕМА.

Исто така, од МВР не одговорија и на барањето на МК Информер за: Придружба до локалитетот за снимање на терен, бидејки според сознанијата, жената (осомничената С.Д.) е насилна и претходно се заканувала со куче, па новинарската екипа побара асистенција, но засега без одговор.

Половичен одговор, што значи тоа за граѓаните?

Одговорот на МВР е половичен затоа што:

  • ✓ Потврдува дека постои обвинителен акт и казнен налог

  • ✓ Наведува дека се известени други институции

  • ✗ НЕ дава гаранција дека граѓаните ќе можат слободно да влезат на локалитетот

  • ✗ НЕ одговара на барањето за новинарска придружба

  • ✗ НЕ кажува кои конкретни мерки ќе ги преземе МВР за да се спречи понатамошно самоволие

Додека институциите се известуваат едни со други, граѓаните и туристите остануваат во неизвесност, дали повторно ќе бидат спречени, дали ќе им бараат пари и дали државата конечно ќе го врати локалитетот под своја контрола.

Што следи?

МК Информер ќе продолжи да го следи случајот. Веќе испративме ново барање до МВР со конкретни прашања за обезбедување слободен пристап и асистенција на терен.

Доколку одговорат, веднаш ќе ве известиме. Дотогаш, локалитетот „Куклице“ останува „барем формално“ под контрола на лица за кои постои обвинение за узурпација.

 

За МК Информер:
Борислав Стоилковиќ

error: Содржината е заштитена од копирање !!