Од 15 ноември задолжителна зимска опрема за сите возила – МВР потсетува на законската обврска
12/11/2025 10:50
Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека од 15 ноември до 15 март сите возила што учествуваат во јавниот сообраќај мора задолжително да поседуваат зимска опрема, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Правилникот за задолжителна опрема на возилата (Сл. весник бр. 31/2010).
❄️ Што подразбира зимска опрема:
За возила до 3.500 кг:
-
Зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 мм, или
-
Летни пневматици со длабочина од најмалку 4 мм и синџири за снег или други соодветни помагала за погонските тркала.
За возила со погон на сите тркала (4×4):
-
Зимски пневматици на сите четири тркала со длабочина од најмалку 6 мм, или
-
Летни пневматици (минимум 4 мм) со синџири за снег на задната осовина, доколку погонот е постојан, односно на активната осовина ако погонот е преклоплив.
За возила потешки од 3.500 кг:
-
Зимски пневматици на погонските тркала со минимум 6 мм длабочина на шарата, или
-
Летни пневматици со најмалку 4 мм и синџири за снег со соодветна големина.
-
Автобусите и товарните возила кои не можат технички да постават синџири, мора да имаат зимски пневматици и прирачен алат – лопата.
🧊 Како се препознава зимска гума:
Зимски пневматици се оние кои на бочната страна имаат ознака „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Воедно, забранета е употреба на пневматици со клинци, потсетува МВР.
⚠️ Апел до возачите:
„Апелираме до возачите да се придржуваат кон законската обврска за поседување на зимска опрема, бидејќи така овозможуваме непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови,“ соопштува Министерството за внатрешни работи.




