MKinformer

your daily dose of news

Скриени спогодби и незаконски откази, злоупотреби на Законот за работни односи: аларм од синдикатите

18/11/2025 14:04

Сѐ почести се случаите во кои работодавачи во Македонија го злоупотребуваат Законот за работни односи, потпишувајќи или фалсификувајќи спогодби за престанок на работен однос без знаење на работниците. Ваквите случаи, кои потајно се вршат во дел од приватниот сектор, особено во медиумите, претставуваат сериозен удар врз основните трудови права и директно ги ставаат работниците во правна и економска неизвесност.

Според пријавите што ги добиваат трудовите инспектори, во дел од фирмите работодавачите креираат лажни спогодби за „доброволно“ раскинување на договорот, иако работникот никогаш не дал согласност ниту бил информиран за таков документ. Целта е очигледна, избегнување на обврските за отказен рок, исплата на отпремнини и одговорност за незаконски отказ.

Правните експерти потврдуваат дека ова претставува тешка злоупотреба и фалсификат, дополнително казнив според Кривичниот законик. Но во пракса, многу работници дознаваат дека „се спогодиле“ дури откако ќе се појават на работа и ќе им биде соопштено дека им престанал работниот однос.

Она што го прави проблемот уште поголем е стравот кај работниците да пријават или да побараат инспекциска контрола, бидејќи неретко се соочуваат со притисоци, закани со отказ или заплашување особено во медиумите, дека „ништо нема да постигнат, повеќе ќе му веруваат на медиумот, за истиот да не информира критички за институциите“, особено доколку сопственикот на медиумот е странски државјанин.

Синдикатите бараат поостри контроли и казни за работодавачите кои го газат законот и ги изигруваат механизмите предвидени за заштита на работниците. Тие апелираат и до Владата да го зајакне надзорот, бидејќи без системска поддршка злоупотребите ќе продолжат.

И покрај јасните законски одредби, злоупотребите стануваат сѐ поголем проблем, а работниците честопати остануваат без заштита и без можност навреме да реагираат. Прашањето останува, до кога фалсификуваните спогодби ќе бидат „тивок механизам“ за незаконско отпуштање?

Пишува

Борислав Стоилковиќ

error: Содржината е заштитена од копирање !!