MKinformer

your daily dose of news

Нема договор за минималната плата: Синдикатите најавуваат заеднички протести од јануари

27/12/2025 21:43

Не е постигнат договор за зголемување на минималната плата над законските околу 30 евра, кои според важечките прописи треба да следуваат во март 2026 година. На неофицијалната седница на Економско-социјалниот совет, која беше тема и во емисијата „Бизнис 21“, Владата, работодавачите и синдикатите останаа на дијаметрално спротивставени позиции.

Иако договор меѓу трите страни не беше постигнат, сепак се случи пресврт меѓу синдикатите. Сојуз на синдикати на Македонија и Конфедерација на слободни синдикати постигнаа меѓусебен договор и најавија заеднички настап на протести и штрајкови уште од почетокот на јануари.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека работниците веќе немаат простор за чекање.
„Им даваме рок до 31 декември. Осумнаесет месеци нè убедуваат дека ќе има договор, сега им даваме уште 18 дена. Ако нема решение, на почетокот на наредната година очекувајте протести и штрајкови“, истакна Трендафилов, посочувајќи дека со сегашните примања работниците тешко ги покриваат основните животни трошоци.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати најавија дека ќе застанат рамо до рамо со ССМ.
„Им подаваме рака. Ако нема слух, веднаш излегуваме на улица за да се изврши притисок и да се зголеми минималната плата“, изјави Благоја Ралповски.

Владата, пак, останува на ставот дека ќе го прифати секое решение што ќе го договорат синдикатите и работодавачите, но засега инсистира на законското усогласување. Заменик-министерот за економија Марјан Ристески порача дека државата нема проблем со повисока минимална плата, доколку приватниот сектор може да го издржи товарот без затворање фабрики и отпуштања.

Работодавачите се најцврсти во отпорот кон поголемо покачување. Тие сметаат дека продуктивноста е ниска и предупредуваат дека повисок минималец може да доведе до губење работни места. Претставници на бизнис-заедницата тврдат дека минималната плата во Македонија е веќе релативно висока во споредба со некои земји од регионот.

Дополнителна тензичност во дебатата внесе прашањето за растот на функционерските плати, кои според најавите во февруари би можеле да се зголемат за 200 до 250 евра. Синдикатите ова го оценуваат како јасен сигнал за двојни стандарди и дополнителна причина за излегување на улица.

Иако се отворија и други теми – како владината потрошувачка кошничка и куповната моќ – суштинскиот проблем останува нерешен: како да се усогласи растот на платите со реалниот животен стандард. Доколку до крајот на годината не се постигне компромис, јануари најавува нов бран социјални тензии и синдикални протести.

error: Содржината е заштитена од копирање !!