Конечно се огласи МВР, за апсењето на Аца Лукас среде концерт во Кавадарци
22/11/2025 15:38
По силните реакции на јавноста за приведувањето на познатиот српски пејач Аца Лукас во Кавадарци, Министерството за внатрешни работи конечно се огласи со официјално соопштение. Но наместо да ја разјасни ситуацијата, текстот повеќе наликува на обид за формално оправдување, отколку на јасна и транспарентна информација од државен орган.
Според МВР, на 22.11.2025 година во 00:10 часот, полициски службеници го привеле А.В. (57) од Србија, затоа што настапувал во угостителски објект без соодветна дозвола. Акцијата била спроведена заеднички со повеќе институции: СВР Велес, Регионалниот центар за гранични работи Југ, Пазарниот инспекторат, Трудовиот инспекторат и УЈП.
МВР информира дека против пејачот е поднесена прекршочна пријава по Законот за странци, а Основниот суд Кавадарци му изрекол парична казна. Во истиот локал, инспекциите утврдиле и други прекршувања: неиздавање фискални сметки, прекршување на Законот за пушење и присуство на поголем број гости од дозволениот капацитет.
И покрај наведените прекршувања, јавноста останува со клучно прашање Дали бруталното прекинување на настапот и спектакуларното приведување било неопходно и пропорционално? Особено што видеата и фотографиите од сведоци настанатната вечер покажуваат збунетост, паника и реакција која многумина ја оценија како неосновано груба.
Од МВР најавија дека „ќе продолжат со зајакнати контроли“, користејки ги емоциите од трагедијата во Кочани, но не објаснија зошто токму во овој случај контролата се претвори во сценарио што повеќе личеше на рација отколку на рутинска процедура.
Јавноста очекува повисоко ниво на отчетност:
– Зошто концертот бил прекинат на начин што создаде хаос меѓу граѓаните?
– Зошто не е понудено јасно и недвосмислено образложение уште на самото место?
– Дали е почитувана процедурата, или станува збор за прекумерна и непромислена полициска акција?
Додека институциите се обидуваат да ја затворат темата со формално соопштение, јавноста, како и организаторите и присутните на настанот и понатаму бара убедливи одговори и транспарентно расчистување на случајот.
Утрово информиравме за настанот





