MKinformer

your daily dose of news

Повторно пренасочени летови од Скопје: временска појава или технички проблем?

26/11/2025 10:46

Скопскиот аеродром повторно се соочи со сериозни нарушувања во авиосообраќајот, откако вчера вечер по втор пат во рок од само десет дена беше регистриран опасниот метеоролошки феномен „wind shear“. Според првичните информации, најмалку два лета, од Истанбул и од Венеција, не успеале безбедно да се приближат кон пистата и биле пренасочени кон Приштина.

Најкритична била ситуацијата со летот од Венеција, кој повеќе од еден час кружел околу Скопје додека екипажот не донел одлука да се откаже од слетување. Патниците од двата лета треба да добијат дополнителни информации од своите авиокомпании во текот на вечерта.

Феноменот „wind shear“ подразбира ненадејна промена на брзината или насоката на ветерот на мало растојание, создавајќи ризични услови за стабилноста на авионите при слетување и полетување. Иако ваквите појави се редок, но сериозен безбедносен ризик, зачестената појава во толку краток период отвора простор за скепса.

Само пред 10 дена три лета од Берлин, Ајтховен и Цирих беа пренасочени поради истата причина. Дополнително, минатиот месец скопскиот аеродром се соочи со проблеми со радарската опрема, за чија поправка јавноста не доби конкретни информации, ниту кој ја извршил, ниту кога точно е завршена.

Иако официјалните објаснувања повторно упатуваат на временски услови, зачестените инциденти и непрецизните податоци за техничката исправност на системите го оставаат јавниот сомнеж отворен.

error: Содржината е заштитена од копирање !!