Русија, Украина и САД денес на мировни преговори во Абу Даби – ЕУ чека „во холот“ за столче на преговарачката масата
10/11/2026 9:56
Мировните преговори во Абу Даби меѓу Русија, Украина и Соединетите Американски Држави почнуваат денеска, во обид да се најде рамка за прекин на војната што трае од февруари 2022 година.
Формалниот формат на разговорите е трилатерален – Вашингтон, Москва и Киев. Европските претставници се присутни во Абу Даби, но засега не седат на главната преговарачка маса.
Европа присутна, но не и во главниот формат
Франција, Германија и Европската комисија испратија претставници во Обединетите Арапски Емирати.
Сепак, Русија јасно стави до знаење дека не сака европските земји директно да учествуваат во преговорите со Украина.
Киев, пак, најави одделни средби со европските сојузници, на кои ќе ги информира за текот и резултатите од разговорите.
„Правиме сè што е во наша моќ за Европа да биде учесник во дипломатскиот процес“, изјави украинскиот главен преговарач Рустем Умеров.
Прва ваква средба од февруари
Разговорите во Абу Даби се прва средба во ваков формат од февруари минатата година.
Американската администрација повторно се обидува директно да ги приближи позициите на Москва и Киев, додека претседателот Доналд Трамп тврди дека е можен договор кој би бил поширок од самото украинско прашање.
Трамп претходно најави дека евентуалниот договор би можел да ја опфати и европската безбедност.
Москва со проширена делегација
Руската делегација повторно ја предводи советникот на Кремљ, Владимир Медински.
Во разговорите за првпат учествуваат и заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков и високиот воен претставник Јуриј Жигарловски.
Нивното присуство укажува дека Москва во новата рунда испраќа поширок тим со дипломатски и безбедносни претставници.
Територијата и безбедносните гаранции остануваат најтешките прашања
И покрај обновените дипломатски контакти, разликите меѓу Русија и Украина остануваат големи.
Москва инсистира на решавање на територијалните прашања според своите барања, додека Киев одбива формално да се откаже од територии и бара цврсти безбедносни гаранции.
Токму прашањата за територијата, идните безбедносни гаранции за Украина и пошироката архитектура на европската безбедност се очекува да бидат меѓу најтешките теми на разговорите.
ЕУ сака место на масата
Европските земји стравуваат дека евентуален договор меѓу САД, Русија и Украина би можел директно да влијае и врз нивната безбедност.
Поради тоа, Брисел и клучните европски престолнини инсистираат да бидат вклучени во процесот, особено ако договорот треба да содржи долгорочни безбедносни аранжмани за Европа.
Засега, сепак, мировните преговори во Абу Даби остануваат во формат САД–Русија–Украина, додека ЕУ буквално и политички се обидува да обезбеди свое столче на преговарачката маса.






