Ќе се снима филм за Дарко Панчев – започнува снимањето на „холивудска“ биографија за македонската фудбалска легенда
28/11/2025 0:05
Животната приказна на македонската фудбалска икона Дарко Панчев ќе добие филмска адаптација. Продукцијата „Петровски Брадрс“ потврди дека започнува подготовка на игран филм кој ќе ги опфати најзначајните моменти од неговата кариера, личните предизвици и успесите што го претворија во една од најголемите спортски легенди од регионот.
Режисер на проектот ќе биде Зоран Петровски – македонски автор со две децении меѓународно искуство во високобуџетни серии, реклами и ТВ продукции. Сценариото е доверено на Ѓорѓе Милиќевиќ, еден од сценаристите на култниот филм „Victory“ („Бегство кон победата“), во кој играа Пеле, Мајкл Кејн и Силвестер Сталоне.
Продукцијата открива дека филмот нема да биде класична биографија, туку динамична и инспиративна приказна во холивудски стил, со непознати детали од животот на Панчев и силна мотивациска порака за младите спортисти. Проектот ќе се снима во Македонија, Србија и Италија — местата каде што Панчев ја градел својата блескава кариера.
Панчев вели дека со нетрпение го очекува филмот и со задоволство се вклучува во процесот:
„Ова е важна приказна не само за мене, туку и за државата. Македонија има луѓе кои заслужуваат европско внимание, а овој филм ќе биде вистинска реклама за нашата земја“, изјави тој.
Дарко Панчев е најуспешниот фудбалер што Македонија го имала – освојувач на Купот на шампионите, Интерконтиненталниот куп и добитник на Златната копачка, а неговото име останува легенда во европскиот фудбал.





